Во велешката библиотека беше промовирана книгата со афоризми со еротска содржина „Бричење на петелот“, илустрирана со цртежи од македонскиот карикатурист Јордан Поп Илиев, кој годинава слави половина век творештво. Книгата е работена по избор на карикатури и афоризми од велешанецот Димитар Вилазорски.
„Споив две уметности, карикатура и афоризам. Собрав карикатури на Поп Илиев и афоризми кои ми беа на располагање и од нив направив интересна книга. Прочитав илјадници афоризми од афирмирани афористичари од поранешните југословенски простори. Застапени се афоризми од Ваљак, Чотриќ, Симиќ-Зокс, Кујунџиќ, Николиќ. Има и од македонски автори, Васил Толевски, Миле Ѓоргиевски, како и од велешаните Живко Павлов и Атанас Крлевски“, рече уредувачот на книгата, Вилазорски.
Издавач на книгата е Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес. Дел од афоризмите се на мајчин јазик на авторите (српски, хрватски), бидејќи книгата ќе се понуди и на тамошните пазари.
Македонските автори се пожалија дека се во незавидна ситуација, бидејќи нема каде да ги пласираат нивните афоризми.
„‘Остен‘ не излегува подолго време и немаме сатирично списание. Затоа објавуваме по социјалните мрежи, како и на некои портали. И тоа е малиот, стеснет простор, кадешто може да работиме, иако ние сатиричарите внесуваме ведрина и позитивно во негативните работи“, вели Марјан Ангеловски од Скопје.
„Си го купив најскапото јаже за бесење, еднаш се живее“, вели еден афоризам на Ангеловски.
П. ПЕЧКОВ