ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА АМСТЕРДАМ БАРА ЗАТВОРАЊЕ НА ЗОНАТА НА ЦРВЕНИТЕ ФЕНЕРИ

Амстердам, (Гардијан)

Првата жена-градоначалник на Амстердам Фемке Халсема најави затворање на зоната на црвените фенери, едно од најпрепознатливите обележја на градот, сметајќи дека условите во коишто работат сексуалните работнички се веќе надминати.

Тоа е една од опциите за кои ќе се дискутира во текот на летото, додека градот се обидува да се справи со трговијата со луѓе и со намалувањето на бројот на туристи во тесните улички во центарот.

„Ние треба да размислуваме за зоната на црвените фенери без проституција во неа. Таа денес е полна со жени од странство за кои не знаеме како завршиле таму. Трговијата со луѓе се одвива во еден од најубавите и најстари делови на нашиот град“, изјави Халсема.

Зоната има 330 излози, зад чии прозорци работат сексуалните работнички и Халсема вели дека тие сега се само уште една туристичка атракција.

„Туристите им се смеат, ги ословуваат со секакви имиња и ги фотографираат. Жените кои работат таму секојдневно се понижувани и затоа мора да размислуваме за промени“, додаде Халсема.

Во игра се четири сценарија, кои вклучуваат и воведување на „еротска градска зона“.

Проституцијата во Холандија беше легализирана во 2000 година и Халсема вели дека овој закон нема да се менува.