Ученици од велешкото економско училиште „Јове Тесличков“ го изработија нивниот иновативен производ „Рингобит“ и бесплатно го поделија во училиштата за деца со посебни потреби, но и во сите основни во градот. Тоа е едукативно помагало, игра за совладување на основни математички вештини.
„Рингобит“ претставува еколошки производ кој содржи бројки и математички операции и е наменет за учење на почетните аритметички вештини – собирање и одземање. Тие за овој изум добија награда за социјално претприемништво.
„‘Рингобит‘ нуди сосема нов концепт на учење математика преку игра, забавен е и лесен за користење. Го поедноставува процесот на учење и помага полесно да се надминат когнитивните потешкотии при изучување на основните аритметички вештини. Наменет е за ученици со посебни образовни потреби, помали деца, ученици со потешкотии во учењето, ученици со акалкулија и дискалкулија. Истовремено, ‘Рингобит‘ го поттикнува сензомоторниот развој и подобрува меморија, координација, финамоторика и координација раце-очи“, вели Симона Андовска, ученик во четврта година, која заедно со Анастасија Андовска, Мартина Стојкова, Аријан Амзи и Сара Ѓорѓиевска, под менторство на професорката Радмила Андовска, ја замислија оваа идеја и ја реализираа.
Последниве три месеци, покрај училишните обврски, учениците неуморно работеа на реализацијата на овој, за нив, значаен проект. Откако се изработија производите и промотивниот материјал, тие направија презентации во училишта, градинки и здруженија.
„Во свет полн со предизвици и модерна технологија, математиката треба да е на прво место. Во свет во кој има потешкотии во изучувањето основни математички операции, ние најдовме и нудиме иновативно решение“, велат учениците.
Тие уште кога ја добија наградата од 2.000 евра, одлучиле производите да ги донираат на институции и здруженија, а не да ги продаваат. Сметаат дека на тој начин нивниот производ најбргу ќе стигне на вистинското место. Тој беше поделен во градинките во Велес, ПОУ „Маца Овчарова“ во Велес, ОУ „Даме Груев“ со градинката во Градско, ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка, ОУ „Методија Митевски-Брицо“ во Лозово, Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ во Битола, ПОУ „Златан Сремец“ во Скопје, ПОУ „Иднина“ во Скопје и во здружението „Дајте ми крилја“ од Скопје.
„Убаво е чувството да бидеме виножито во нечиј облак“, велат учениците.
П. ПЕЧКОВ