САДЕЊЕ ДРВЈА Е НАЈЛЕСНОТО И НАЈЕВТИНО РЕШЕНИЕ ПРОТИВ КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

Цирих, (Гардијан)

Садење дрвја е најдобриот, најлесен и најевтин начин на борба против климатски промени, сметаат научниците, кои направија пресметки колку дрвја би можеле да се посадат без да се загрозат актуелните земјоделски површини и урбани области.

Додека растат, дрвјата апсорбираат и складираат јаглероден диоксид, кој придонесува за глобалното затоплување. Според новите научни проценки, со програмата на садење дрвја низ светот би можеле да се елиминираат две третини од емисиите што се испуштаат во атмосферата со човечките активности.

Анализите покажуваат дека на планетата има 1,7 милијарди хектари земјиште без дрвја, на коешто има место за 1,2 трилиона садници. Тоа е 11% од севкупното земјиште на планетата, рамно на големината на САД и Кина заедно. Тропските области стопроцентно би можеле да бидат покриени со дрвја, а остатокот поретко.

„Овие нови квантитативни проценки покажуваат дека садењето шуми не е само една од опциите за нашите проблеми со климата, туку е убедливо на првото место. Тоа е помоќно од сите други предложени решенија заедно. Тоа е достапно, најевтино можно решение и сите би можеле да придонесат“, изјави Том Кровтер од Универзитетот во Цирих, кој го водеше ова истражување, објавено во магазинот „Нејчр“.

Тој додава дека ова би можело да се спроведе буквално секаде на светот, а најголем потенцијал имаат Бразил, Кина, Русија, Канада, САД и Австралија.

Вакви иницијативи веќе постојат, вклучувајќи го „Бон челенџ“ поддржан од 48 држави, кои ветија дека ќе обноват 350 милиони хектари шума до 2030 година.

„Според некои проценки, моментално на светот има околу три трилиони дрвја, што е половина од дрвјата што постоеле пред подемот на човечката цивилизација. Сè уште имаме загуба од десет милијарди дрвја годишно“, вели Кровтер.