43-ГОДИШНИК ПО ТРИ ДЕЦЕНИИ УСПЕА ДА ДОКАЖЕ ДЕКА ХУЛИО ИГЛЕСИЈАС МУ Е ТАТКО

Валенсија, (Би-Би-Си)

Хулио Иглесијас е биолошки татко на 43-годишен маж, со чија мајка бил во кратка љубовна врска во 1975, пресуди судот во Валенсија.

Ова е правна победа за бившата балерина Марија Едите Сантос и за нејзиниот син Хавиер Санчес, кој уште пред три децении ја почнал постапката за докажување на татковство. Седумдесет и петгодишниот пејач никогаш не се согласи да даде примерок од ДНК, но судијата заклучи дека постои очигледна физичка сличност. Тој не беше присутен на изрекувањето на пресудата.

Судијата изјави дека Сантос дала веродостојни докази дека била во врска со Иглесијас во времето кога Санчес бил зачнат.

„Госпоѓа Едите имаше афера со Иглесијас во Каталонија во 1975 година и девет месеци подоцна се роди Хавиер“, изјави нејзиниот адвокат.

Санчес поминал 30 години обидувајќи се да докаже дека Иглесијас му е татко. Во 1992 година, Иглесијас го доби случајот на суд, но пресудата беше поништена. Тој има вкупно осум деца од две врски.