ВАЛЕНСИЈА Ѝ ДАДЕ ЗАШТИТЕН КУЛТУРЕН СТАТУС НА ПАЕЉАТА

Валенсија, (Гардијан)

Паеља, едно од најпознатите и најомилени шпански јадења, доби заштитен културен статус врз основа на тоа што таа ја слави уметноста на единството и споделувањето. Владата на Валенсија, регион од каде што паељата потекнала, го прогласи ова јадење за предмет од културно значење, опишувајќи ги нејзините историја и доблести во декларација на осум страници.

„Паеља е икона на медитеранската кујна, бидејќи нејзините состојки и особини ја претставуваат културата на Валенсија. Сите нејзини состојки, како риба, месо, зеленчук, маслиново масло и ориз, се дел од медитеранската исхрана. Мешавината на протеини, зеленчук и јагленхидрати ја прави паељата едно од најизбалансираните јадења“, стои во декларацијата.

Паељата ужива свет статус во Валенсија и владата посочува дека таа е симбол на неделните семејни ручеци.

„Традицијата налага паељата да се јаде со лажица, но овој обичај се губи во поново време. Можеби најважното правило е оризот никогаш да не се меша при готвењето“, се вели во декларацијата, додавајќи дека паељата, или валенсијански ориз, првпат се спомнува во 18. век.