„ТАКСИРАТ“ ПОЧНУВА СО МИНИФЕСТИВАЛ ВО МКЦ НА 1 ДЕКЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот „Таксират“ ја збогати концертната програма што ќе ја следи ПИН музичката конференција со четири нови имиња, кои се најавени како претставници на новата музичка сцена од регионот и Европа. Тие ќе настапат во МКЦ на 1 декември.

„Баба зула“ е турски психоделичен бенд, кој го опишува својот стил како ориентален рокенрол, комбинирајќи традиционални инструменти со електронски и модерни звуци.

„Итс евриван елс“ е словенечко дуо, кое ги проширува границите на електронската музика, внесувајќи примеси на ноиз, хардкор, индастријал и поп.

Српската рок група „Визељ“ доаѓа во Скопје во рамките на промоцијата на нејзиниот прв албум „Најдобри“, додека „Ексесив висаж“ е авангарден рок бенд од Берлин, предводен од пејачката Лариса Блау.

ПИН музичката конференција ќе се одржи од 30 ноември до 2 декември и ќе биде вовед во неколкудневната програма на 19. издание на „Таксират“, кој претходно ги потврди настапите на австралиско-американскиот бенд „Лајрс“ (30.11.) и на босанскиот виртуоз на хармоника Марио Батковиќ (2.12.).