Вчерашното финале на Вимблдон траеше пет часа и ново-стариот шампион Новак Ѓоковиќ уште еднаш покажа неприкосновена физичка издржливост, за која вели дека се должи на растителната исхрана, на која е посветен со години. Српскиот тенисер не сака да се декларира како веган, но е многу доследен по прашањето на здрава исхрана.
„Веќе со години јадам на растителна основа. Мислам дека тоа е една од причините што брзо заздравувам и веќе ги немам алергиите што порано ме мачеа“, изјави Ѓоковиќ во неодамнешно интервју за „Форбс“.
И голем број други спортисти, како Серена и Венус Вилијамс, велат дека одличното здравје, вишокот на енергија и брзото заздравување им се должат на здравата исхрана.
Ѓоковиќ вели дека во исхраната многу користи здрави, безглутенски и растителни намирници, како зелен сок, кој му дава многу енергија за маратонските мечеви, каков што беше тој вчера.
„Понекогаш јадам и риба, но исхраната на растителна основа е клучна за моите врвни резултати. Ги отстранив токсините од телото, а со нив и воспаленијата, кои беа поврзани со количеството енергија. Кога играте мечеви од четири-пет часа, ви треба гориво, а моето гориво е на растителна основа“, вели Ѓоковиќ.