„МАРВЕЛ“ ЌЕ ПРАВИ ФИЛМ ЗА ПРВАТА МУСЛИМАНСКА СУПЕРХЕРОИНА

Сан Диего, (Би-Би-Си)

„Марвел“ потврди дека подготвува филм за првата муслиманска суперхероина, Госпоѓица Марвел, што беше најавено на фестивалот „Комик-Кон“ во Сан Диего. Тоа не би бил прв филм на „Марвел“ со жена во главна улога, откако оваа година во филмската франшиза влезе Капетанка Марвел, која ја играше Бри Ларсон.

„Филм за Госпоѓица Марвел е во подготовка. Таа е уште еден лик од стриповите, муслиманска хероина инспирирана од Капетанка Марвел. Ова го имавме во план уште откако Капетанка Марвел ја претставивме на светот“, изјави претседателот на студиото, Кевин Фиџ.

Во стриповите, Госпоѓица Марвел е алтер егото на Камала Кан, тинејџерка од Њу Џерси со пакистанско потекло. Таа добива супермоќи откако ќе биде изложена на вонземската супстанца Териген.

Засега нема други детали за овој проект, освен што се шпекулира дека Пријанка Чопра би можела да биде во насловната улога.