По честите поплаки дека возењето со подземната железница во летните месеци не е пријатно, иако е климатизирана, Виена пушти во промет миризливи вагони. Тоа е уште една новина во јавниот превоз на Виена, кој важи за најдобар во Европа.
Во првата, пробна фаза, четири воза се испрскани со мириси, избрани како по својата пријатност, така и по својството да не предизвикуваат алергиски реакции. Граѓаните имаат можност да ја испробаат новата мерка и потоа да гласаат која арома најмногу им се допаѓа.
Градскиот превоз во Виена е евтин како ретко каде, бидејќи таа прва воведе годишни билети од 365 евра, односно по евро на ден, што беше лансирано во 2013. Оваа година, дури 822.000 жители купиле ваков билет, во споредба со 321.000 во 2011, кога чинеше 449 евра. Ако кон тоа се додадат децата и студентите кои и онака имаат право на поевтино возење, тоа значи дека околу 1,1 милион жители на Виена редовно користат јавен превоз.
Давид Лански има 45 минути возење со автобус и воз до работа, што е една од најдолгите линии во градот, но вели дека ужива во возењето.
„Сакам да читам или да слушам музика. Тоа е мое време. За овие две години редовно користење јавен превоз, не се сеќавам дека имало доцнење од повеќе од неколку минути“, вели тој.
Речиси сите во Виена живеат на најмногу пет минути до станица за јавен превоз, а автобуси и возови доаѓаат на три до пет минути и сите станици имаат пристап за хендикепирани лица.