„БОЕМСКА РАПСОДИЈА“ СТАНА НАЈСТАРА ПЕСНА СО МИЛИЈАРДА ПРЕГЛЕДИ НА ЈУТЈУБ

Лондон, (Би-Би-Си)

Точно 44 години откако беше објавена, „Боемска рапсодија“ продолжува да соборува рекорди.

Еден од најголемите хитови на „Квин“ тукушто стана најстариот спот кој стигнал до една милијарда прегледи на Јутјуб. Ова е првпат една песна објавена пред 1990-ите да го оствари ова.

„Гангнам стил“ на корејскиот пејач Сај во 2012 година стана прва песна со милијарда прегледи на Јутјуб и подоцна ова многу полесно се достигнуваше, па „Боемска рапсодија“ не е ниту во првите 100 најгледани видеа. Моменталниот рекордер е „Деспасито“ од Луис Фонси со 6,3 милијарди прегледи.

Освен „Боемска рапсодија“, „Ноемвриски дожд“ од „Ганс ен роузис“ е единствената друга песна од 20. век со над милијарда прегледи.

„Боемска рапсодија“, исто како и целиот каталог на „Квин“, добија голем број нови фанови благодарение на огромниот успех на биографскиот филм за Фреди Меркјури и групата.

„Сѐ уште уживам да ја слушам. Ако ја фатам на радио, го попуштам звукот и ја слушам. Но, притоа веќе не свирам воздушна гитара, престар сум за тоа“, рече Брајан Меј во едно интервју.