Лицата со попреченост со спреј цртаа графити на платно во дворот на резиденцијата на германскиот амбасадор Томас Герберих. Дружењето беше под мотото „Соушл фрајдеј“, движење со години распространето низ светот, кое преку организирање дружби во петок после работа им помага на социјални или загрозени категории.
Германскиот амбасадор Герберих реши да ги покани лицата со хендикеп за да се запознаат подобро и да испратат порака дека тие не треба да бидат заборавени, туку треба активно да бидат вклучени во општествениот живот. Тие заедно со амбасадорот и со вработените во амбасадата цртаа на мали платна, а потоа Герберих ги повика сите да остават свој печат на големото платно, кое ќе биде слика во неговата дневна соба.
„Петок е ден кога ни завршуваат работните обврски и убаво е секој од нас да направи добро дело, да помогне на некого. Ѕидовите на мојата дневна соба сега се празни и оваа што ќе го нацртаме ќе стане слика, која ќе ме потсетува на овој ден“, рече амбасадорот Герберих.
Од сликите што ги цртаат лицата со попреченост, Германската амбасада ќе организира изложба, а собраните средства од нивна продажба ќе се донираат на овие лица.
А. АНТЕВСКА