Хоакин Феникс се присети на својот покоен брат Ривер додека примаше специјална актерска награда на Филмскиот фестивал во Торонто, откривајќи како тој му ја спасил кариерата.
Во емотивен говор, Феникс кажа дека Ривер му помогнал повторно да ја открие љубовта кон глумата откако раните актерски искуства го оставиле разочаран.
„Тој ми кажа, ‘повторно ќе ја почнеш својата кариера‘. Тој не ме праша, ми кажа. И многу сум му должен за тоа затоа што глумата ми даде неверојатен живот“, изјави Феникс.
Тој уште како дете почнал да глуми во ТВ-серии и имаше само 19 години кога Ривер Феникс почина од предозирање со дрога во 1993, во периодот кога беше една од најголемите млади ѕвезди во Холивуд.
„Се сеќавам, имав 15 години кога Ривер ме натера да го гледам ‘Разгневениот бик‘ со Роберт де Ниро на касета. Наредниот ден ме разбуди и ме натера да го гледам уште еднаш и ми кажа повторно да почнам да глумам“, рече Феникс.
Тој ја доби првата од трите номинации за Оскар во 2001 година за „Гладијатор“ и сега конечно му предвидуваат триумф со маестралната изведба на Џокер.