Режисерот Теренс Малик го објави кастингот за новиот филм за Исус Христос, а главната улога ќе ја игра унгарскиот актер Геза Рериг.

Рериг ќе го глуми Исус во филмот насловен „Последната планета“, кој ќе ја раскаже приказната за неговиот живот преку серија параболи. Матијас Шунаертс ќе го игра Свети Петар, а оскаровецот Марк Рајлeнс ќе биде Сатаната.

Рајлeнс рече дека неговите сцени ќе почнат да се снимаат во октомври и дека ќе игра повеќе верзии на ѓаволот.

„Тери напиша четири верзии за ликот на Сатаната и мислев дека ќе играм само една. Но, слушнав дека ќе ги играм сите четири и тој ме замоли да ја пуштам брадата. Пресреќен сум што ќе глумам за Теренс Малик, слушнав дека тој постојано им зборува на актерите. Јас доаѓам од театар и не сум навикнат режисерот постојано да вика по мене додека глумам или да ми кажува што да правам“, рече тој.