„Фолксваген“ означи почеток на нова ера откако во пресрет на Автосаемот во Франкфурт го претстави својот прв целосно електричен автомобил „ИД.3“.

Наменет за широки народни маси, неговата цена ќе биде околу 30.000 евра и ќе има три верзии со домет меѓу 330 и 550 километри.

„Ова е автомобилот за новата ера. ‘ИД.3‘ претставува почеток на голема кампања за електрична мобилност на ‘Фолксваген‘. До 2028 година доаѓаат повеќе од 70 нови електрични модели“, изјави извршниот директор на компанијата, Херберт Дис.

Произведен во фабриката во Цвикау со 100-процентно користење на обновлива енергија, што ги вклучува и батериите, „ИД.3“ е опишан како „прв јаглеродно неутрален електричен автомобил на светот“.

Првпат виден без камуфлажа, „ИД.3“ не отстапува многу од скиците за концептот „нио“, што беа објавени пред 12 месеци, а во димензиите е речиси идентичен на „голф“. Максималната брзина е ограничена на 160 километри на час. Првите испораки се очекуваат во средината на следната година.