ПО ПОЛОВИНА ВЕК, И ДЕФИНИТИВНО ИМ ДОЈДЕ КРАЈ НА ПЕЈЏЕРИТЕ

Токио, (Би-Би-Си)

Пред 30 години, тие беа задолжителен додаток за секој модерен и амбициозен директор, но на јапонските пејџери сега и дефинитивно им дојде крај. Последниот давател на пејџер услуги „Токио телемесиџ“ и официјално престана со работа денеска.

Ова следува откако останаа помалку од 1.500 претплатници, повеќето од нив здравствени работници. Последниот приватен сопственик бил Кен Фуџикура, кој го чувал пејџерот зашто неговата 80-годишна мајка преферирала така да комуницира со него.

„Бидејќи само мајка ми го знаеше бројот на мојот пејџер, знаев дека известувањата се од неа. Така знаев и дека е нешто итно“, вели Фуџикура.

Развиени во 1950-ите и 1960-ите, пејџерите се здобија со огромна популарност во 1980-ите и до 1996 година, „Токио телемесиџ“ имаше 1,2 милиона претплатници, додека низ цела Јапонија ги имаше 10 милиони, објави агенцијата „Кјодо“. Тие беа многу популарни и меѓу ученици, но појавата на мобилните телефони беше почеток на крајот за пејџери.

Иако е дом на технолошки гиганти како „Панасоник“, „Сони“ и „Нинтендо“, стари технолошки навики тешко умираат во Јапонија, па сѐ уште се употребуваат и факс машини и касетофони.