Првиот хиперлуп на светот најверојатно ќе се гради во Индија и работите ќе почнат на крајот на следната година. Ова го најави извршниот директор на „Вирџин хајперлуп уан“, Џеј Волдер.
„Еден од големите проекти на кој моментално работиме е во Индија, линијата Мумбај-Пуне. Тоа е маршрута од 120 километри и во првата фаза од проектот ќе бидат направени 12 километри. Мислам дека градежните работи ќе почнат на крајот на 2020. Ова навистина се случува“, кажа Волдер.
Хиперлуп е футуристички систем на транспорт кој ќе ги превезува патниците во капсули, што ќе се движат на електромагнетски погон низ вакуумски цевки низ една или низ повеќе држави.
„Тие ќе можат да се движат со брзина до 1.000 километри на час, но патувањето ќе биде мазно. Буквално ќе можете да држите шолја кафе додека патувате“, вели Волдер.
Концептот на хиперлуп прв го претстави Илон Маск во 2013 година, ветувајќи сигурен, брз, евтин и ефикасен облик на транспорт, отпорен на временски непогоди и природни катастрофи.
„Вирџин хајперлуп уан“ веќе изгради и тест патека во Невада, каде што ја тестираше својата капсула XP-1, која минатата недела беше презентирана во Њујорк. Таа еден ден би можела да ги поврзе Њујорк и Вашингтон за само 30 минути.