ОСТАТОЦИТЕ ОД „ДРЕВЕН ЊУЈОРК“ СТАРИ 5.000 ГОДИНИ ПРОНАЈДЕНИ ВО ИЗРАЕЛ

Тел Авив, (Би-Би-Си)

Остатоците од 5.000 години стар град се пронајдени во Израел, што е најстарото и најголемо вакво откритие во регионот.

Градот бил дом на 6.000 луѓе и имал плански патишта и населби, ритуален храм и утврди и израелските археолози велат дека ова е најзначајното откритие од таа ера. Под него е откриено уште постаро живеалиште, проценето на 7.000 години.

„Ова е Њујорк на нашиот регион од раното бронзено доба, космополитски и добро испланиран град, во кој живееле илјадници луѓе. Овој локалитет драстично го менува нашето знаење за карактерот на овој период, ова се почетоците на урбанизацијата на Израел“, соопшти Националната агенција за антиквитети.

Познат како Ен Есур, локалитетот се простира на повеќе од 650.000 квадратни метри и е двојно поголем од досегашните слични откритија. Според дизајнот, градот имал станбени и јавни области, како и пространи и помали улици, а пронајдени се и околу четири милиони делови од разни предмети.