ШОН ПЕН ПИШУВА РОМАН ЗА СРЕДОВЕЧЕН РАЗВЕДЕН МАЖ

Њујорк, (АП)

Шон Пен пишува роман за „разведен, разочаран човек“. Тој еднаш издаде аудиокнига под псевдонимот „Папи Пeрaја“.

Издавачот „Атрија букс“ денеска соопшти дека „Боб Хани кој само прави нешта“ на Шон Пен, ќе излезе на 27 март. Романот се базира на аудиокнигата од 2016 година. Минатата есен во Музејот на уметноста на Лос Анџелес, Пен призна тесна врска со Пераја, додека за него зборува како за социопат.

„Беше набрзо откако ја завршив нарацијата на кусата аудиокнига за Боб Хани, кога почувствував дека само сум ја загребал површината на приказната која сакам да ја раскажам. Да се прошири таа оригинална идеја во цел роман, беше возбудлив предизвик“, кажа Пен во соопштението на „Атрија букс“.

Според „Атриа букс“, мрачно хумористичниот роман на Пен ја кажува приказната за Боб Хани, средновечен, разведен маж, кој живее во неопределена куќа, на неодредена улица во Вудвју, Калифорнија. Боб Хани е човек со многу вештини, специјалист за канализација, дилер на пиротехника, убиец по договор со мистериозната владина агенција, која плаќа во мали банкноти.

Оскаровецот на публиката, собрана во музејот во Лос Анџелес, ѝ кажа дека Пераја го сретнал во бар во Ки Вест на Флорида во 1979 година. Тој кажа дека неговиот стар познаник повторно стапил во контакт со него и му пратил ракопис.

„Претпоставувам дека е поврзаност која трае од времето кога имав 19 години и би сакал да останев во контакт со овој човек. Но, сепак колку загрижени треба да бидете ако се согласувате со социопат“, вели Пен.

Пен, чии авантури надвор од екраните, вклучуваат и интервју со кубанскиот претседател Раул Кастро, и средба со мексиканскиот нарко бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, не е првата филмска ѕвезда, која станала писател. Меѓу останатите кои пишуваа и фикции се Кирк Даглас, Џин Хекман и Сидни Поатје.