МЕТ ПОРАЧУВА: OСТАВЕТЕ ГИ ТЕЛЕФОНИТЕ И УЖИВАЈТЕ ВО МИКЕЛАНЏЕЛО

Њујорк, (Њујорк тајмс)

„Микеланџело: Божествен уметник и дизајнер ” во музејот „Мeтрополитен“ е споменик на споменик. Со повеќе од 200 дела, изложбата, која се отвора денеска, се најавува како најголема во историјата на престижниот светски музеј.

Сто триесет и три цртежи, три мермерни скулптури, како и дрвен модел за свод на капела се позајмени од околу 50 колекции, што се смета за историски кураторски потфат. Ќе бидат прикажани значителен број дела од неговите ментори, соработници, ученици и уметници, кои биле под негово влијание или соработувале со него.

„Млад стрелец“ (1490 година) е позајмена од Министерството за надворешна политика на Франција (Фото: Мет)

Организаторите порачуваат: „Ова е шоу кое бара да бидете целосно присутни. Тоа нема да го остварите ако постојано сликате или гледате во мобилните телефони. Цртежот е повеќе од графичко искуство“.

Цртеж на Микеланџело од колекцијата на британската кралица Елизабета Втора (Фото: Мет)

Големиот гениј во историјата на западната уметност беше славен уште за време на неговиот долг живот поради извонредноста на цртањето, моќта на цртежот и сликарството, со што ги постави темелите на уметностите.

За неговато мајсторство во цртежот, дизајнот, скулптурата, сликарството и во архитектурата, неговите современици го нарекувале „ Ил Дивино“ (Божествениот).

„Ова е исклучително ретка можност да се доживее од прва рака единствениот гениј Микеланџело. Изложбата ќе ја прикаже величествената убавина на неговите дела, со цел да го продлабочиме нашето знаење за неговиот креативен процес”, изјави Даниел Х. Вајс, претседател и извршен директор на Мет.

Изложбата ќе трае до февруари 2018 година.