„Квантас“ комплетираше историски непрекинат лет од Њујорк до Сиднеј, во текот на кој се испитуваа ефектите што врз пилотите, екипажот и патниците може да го има најдолгото комерцијално патување со авион на светот.
Превезувајќи 50 луѓе, „боинг 789-9 дримлајнер“ слета во Сиднеј по 19 часови и 16 минути, откако помина 16.200 километри низ 15 временски зони. Со тоа беше надминат рекордот на „Сингапур ерлајнс“, чиј редовен лет до Њујорк трае 18 часови и 25 минути.
„Ова е историски момент за ‘Квантас‘, но и за светската авијација“, изјави извршниот шеф на австралиската авиокомпанија Алан Џојс.
Зголемениот број патници и развојот на авионите ја наметнаа потребата од ултрадолги летови. Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај проценува дека годишна бројка патници ќе порасне од сегашните 4,6 на 8,2 милијарди до 2037 година.
Во овој момент, ниту еден авион не е способен да изведе непрекинат лет Њујорк-Сиднеј со полн резервоар и тоа сега се прави со застанување во Лос Анџелес. „Квантас“ сега леташе со максимум гориво, но со малку патници и багаж и без товар. Следниот месец, „Квантас“ ќе тестира уште подолг лет, од Лондон до Сиднеј.
Моментално, две компании развиваат авион што ќе биде способен за вака долги летови и „Квантас“ до крајот на годината ќе објави дали ќе избере „ербас“ или „боинг“, за да почне со вакви редовни линии најрано во 2023.