Рафаел Надал забрани фотографирање на својата свадба, што се одржа во саботата на Мајорка, па јавноста немаше никаков увид во тоа што се случуваше на најскапиот имот во Шпанија, Ла Форталеса.
Сепак, шпанскиот тенисер преку Твитер профилот на својата академија објави две официјални фотографии, кои првпат ја прикажуваат долгогодишната двојка како сопружници. Чиска Перељо, која беше во врска со Надал цели 14 години, на фотографиите е во венчаница дизајнирана од Роса Клара.
Во неодамнешно интервју за магазинот „Пипл“, Надал призна дека сака да има деца.
„Се разбира дека сакам да формирам семејство. Сакам деца и би сакал моите деца да прават тоа што го сакаат“, кажа Надал.
Голем број тенисери беа гости на свадбата на Надал, но не и најголемите ривали Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ. Тој планира да се врати на тениските терени овој месец, на Мастерсот во Париз.