МАКЕДОНИЈА ВОВЕДУВА РЕД ВО ВОЗЕЊЕТО ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ, ЌЕ ИМА И КАЗНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Според примерот на некои други европски земји, и Македонија воведува ред и правила во користењето на електрични тротинети, кои за кратко време станаа популарно превозно средство.

Владата ги усвои измените на Законот за безбедност во сообраќајот, според кои електричен тротинет нема да смее да се вози по улици и булевари, туку само по велосипедска патека, односно на тротоар, таму кадешто ја нема. На лицата под 14 години не им е дозволено да управуваат со електричен тротинет.

Максимално дозволената брзина по велосипедска патека е 25 километри на час, а на тротоар шест км/час. Заради поголема безбедност, возачите навечер ќе треба да носат зелен флуоресцентен елек.

Измените на Законот предвидуваат и казни: 50 евра за неносење елек, 80 евра за движење по улица и 120 евра за пребрзо возење по велосипедска патека.