Студиото „Парамаунт“ ги откупи правата за песните на браќата Морис, Робин и Бери Гиб и ќе прави биографски филм за кариерата на „Би џис“, група која е меѓу најзаслужните за популаризација на диско музиката во 1970-ите.
„Парамаунт“ ќе се обиде да го повтори успехот на „Боемска рапсодија“, па го ангажираше неговиот продуцент Грем Кинг.
Браќата Гиб ја основале поп групата „Би џис“ во далечната 1958 година и светска слава стекнаа најмногу благодарение на песните од саундтракот за „Треска на саботната вечер“ од 1977 година. Групата продаде над 220 милиони албуми низ цел свет и е една од најуспешните поп групи на сите времиња.
Триото се растури во 2003 година по смртта на Морис Гиб, а девет години подоцна почина и Робин.
„Парамаунт“ оваа година постигна голем успех со уште еден музички биографски филм, „Рокетмен“, за животот на Елтон Џон, кој заработи 195 милиони долари.