ПРЕМИЕРА НА КОМЕДИЈАТА „СЛУГА НА ДВАЈЦА ГОСПОДАРИ“ ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес премиерно ќе се изведе претставата „Слуга на двајца господари“, работена по текст на Карло Голдони, а во адаптација и режија на Ненад Витанов. Ова е трета премиера на Велешкиот театар од годишната програма на Министерството за култура.

„Претставата е комедија која зборува на современ јазик за проблемите кои се вечни. Тоа e светот на богатите и сиромашните. Во животот, тоа е социјална драма, а во театарот е комедија. Главниот јунак се бори да врзе крај со крај, не месец за месец, туку ден за ден. Низ неговата приказна следиме што се случува во цело едно општество“, кажа режисерот Витанов.

Во претставата игра речиси целиот ансамбл на Велешки театар: Самоил Стојановски, Славица Манаскова, Зорица П. Панчиќ, Кристијан Саздовски, Симона Димковска, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Весна Димитрова-Бобевски, Кица Ивковска и Јордан Витанов. Сценографијата е на Филип Витанов, а костимите на Катерина Чукниева.

Димковска и Стојанов се нововработени актери и ова е нивна прва улога во професионален ансамбл. Од друга страна, Панчиќ ќе одбележи 25 години од дипломирањето, а токму со овој наслов дебитирала во Велешки театар.

П. ПЕЧКОВ