Откако освои оскар за „Ѕвезда е родена“, следната улога на Леди Гага ќе биде во филмот на Ридли Скот за убиството на внукот на основачот на модната империја „Гучи“.
Поп ѕвездата ќе ја игра Патриција Реџани, која беше обвинета и осудена за планирање на убиството на својот бивш сопруг Маурицио Гучи, кој едно време беше шеф на прославената модна куќа. Тој беше убиен од платен убиец пред својата канцеларија во 1995 година и Реџани беше уапсена две години подоцна, за потоа да биде осудена на 29 години затвор за својата улога во целиот случај.
Во обид да ја сменат пресудата, нејзините ќерки тврдеа дека Реџани боледувала од тумор на мозокот, што влијаело врз нејзиното однесување. Реџани, која од медиумите доби прекар Црна Вдовица, беше ослободена во 2016 поради добро однесување.
Сценариото ќе се базира на книгата „Куќата на Гучи: сензационална приказна за убиство, лудило, гламур и алчност“.