Иако неколку пати беше приведувана, холивудската легенда Џејн Фонда не се откажува и привлекува сѐ повеќе луѓе на протестите против климатски промени, што секој петок почнаа да се одржуваат во Вашингтон.
Стотици демонстранти од сите возрасти ѝ се придружија вчера на протестот пред американскиот Конгрес, каде што таа повика на досега невиден активизам.
„Мора итно да се реагира против климатските промени. Не можеме да ги оставиме младите сами да се борат за својата иднина“, изјави 81-годишната Фонда.
Таа повторно го носеше препознатливиот црвен капут, за кој кажа дека ѝ е последен што го купува, обидувајќи се да биде поодржлива.
Инспирирана од шведската тинејџерка Грета Тунберг, Фонда привремено се пресели во главниот град и ги предводи овие протести повеќе од еден месец. За тоа време, веќе четири пати беше приведена, што не беше случај вчера.
„Почнав да протестирам со Џејн на улиците пред 49 години. Никој не работи како неа. Таа никогаш не ја изгубила нејзината страст или енергија и не ѝ е срам да се стави во непријатна ситуација“, кажа познатата активистка Џоди Еванс.