ПОЛАНСКИ ВЕЧЕРВА НА СИНЕДЕЈС СРЕДЕ НОВО ОБВИНУВАЊЕ ЗА СИЛУВАЊЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК/Гардијан)

„Офицер и шпион“, новиот филм на Роман Полански, вечерва во кино Милениум (22 часот) ќе ја има единствената проекција на 18. фестивал на европски филм Синедејс, додека против контроверзниот режисер се појави ново обвинување за силување.

Полански, кој во 1978 година избега од САД во Франција, е обвинет дека силувал Французинка во швајцарски зимски центар кога таа имала само 18 години. Валентин Моние откри за весникот „Паризиен“ дека наводното силување се случило во Гштад во 1975 година.

„Немав никаква врска со него, ни лична, ни професионална и едвај сум го знаела. Силувањето беше крајно насилно, сешто ми правеше“, кажа Моние, која глумела во неколку филмови во 1980-ите.

Адвокатот на Полански изјави дека тој ги демантира овие обвинувања, додавајќи дека пред 45 години вакво нешто не било пријавено на властите. Претходно, уште три жени го имаат обвинето Полански за силување.

„Офицер и шпион“ премиерно беше прикажан на годинашниот Венециски фестивал и беше награден од жирито, иако неговото вклучување во програмата беше жестоко критикувано.