Брајан Адамс ќе биде придружуван од десет камиони со опрема на првиот концерт во Македонија, што ќе се одржи в среда во „А1 арена“ во Скопје.
Како што објави организаторот „Авалон продукција“, исто како и за концертите на Лени Кравиц и Ерос Рамацоти, и Брајан Адамс доаѓа во Скопје со комплетно своја продукција, што вклучува звук, светло и видео.
Легендарниот канадски музичар, кој пред шест дена го прослави 60. роденден, во Скопје ќе настапи во рамките на својата светска турнеја „Осветли светлина“, насловена според неговиот 14. студиски албум, што беше објавен во март годинава.
Адамс е еден од најуспешните канадски музичари на сите времиња и има продадено повеќе од 75 милиони албуми низ светот.