Чонгкинг, најгусто населениот град во Кина, е прогласен за најнадгледуван град на светот во анализата на британската технолошко-истражувачка компанија „Компаритек“.
Овој град со 15,35 милиони жители има 2,58 милиони камери инсталирани на улиците, што значи по една камера на секои шест жители. Чонгкинг со тоа има најмногу камери за надзор по глава на жител во светот, надминувајќи ги дури и Пекинг, Шангај и технолошкиот центар Шенџен, кој се наоѓа на второто место на оваа листа со 159 камери на 1.000 жители.
Осум од десетте најнадгледувани градови се наоѓаат во Кина, покажа оваа анализа. Меѓу нив се вмешаа само Лондон (шесто место со 68 камери на 1.000 жители) и Атланта (10. место, 16/1.000).
Чонгкинг инсталирал толку многу камери во рамките на пилот-проект за борба против криминалот. Голем број криминални дела во оваа област биле сторени од луѓе кои не се жители на градот, па единственото решение бил систем на камери за препознавање лица.
Според тамошното министерство за јавна безбедност, во Кина наредната година ќе бидат во употреба 626 милиони камери.