ВЕЛЕШАНИ ГИ ИЗБРИЧИЈА МУСТАЌИТЕ ОТКАКО ЗА МОВЕМБЕР СОБРАА 50.000 ДЕНАРИ ЗА ХУМАНИТАРНИ ЦЕЛИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Константин Атанасов е избран за најмустаќ на Велес на традиционалниот „симпозиум“, кој како завршница на Мовембер движењето се одржа во „ПАБ“. Тој е седмиот победник во месецот посветен на машкото здравје, кога со пуштање мустаќи се подига свеста за значењето на превентивата за машки болести.

За мустаќ во обид беше прогласен Антонио Ристов. Мустаќите се избричија, но пораката за машкото здравје остана.

Антонио Ристов го има најдобриот мустаќ во обид (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Преку добра забава успеавме кај младата популација во Велес да ја испратиме пораката за здравје и превентива. И овој ноември, преку различни форми на активности, се дружевме, забавуваме и, пред сѐ, боревме против предрасудите за таканаречените машки болести – рак на тестиси и рак на простата. Со оваа наша акција и со купување маичка мовембер се донираше и поддржуваше активноста и ги поттикнувавме мажите да бидат свесни за поздрав начин на живот“, кажа Иван Сарагинов, еден од организаторите на движењето Мовембер.

Годинава од различни активности се собраа 50.000 денари, кои ќе се доделат на сограѓанин на кого му се потребни за лекување.

П. ПЕЧКОВ