ФИНСКА ЌЕ ИМА 34-ГОДИШНА ПРЕМИЕРКА ВО РЕГИОНОТ ВО КОЈ ВО ПОЛИТИКАТА ДОМИНИРААТ ЖЕНИ

Хелсинки, (Гардијан)

Финска ќе ја добие најмладата премиерка на светот и влада составена од партии на чие чело се наоѓаат жени, три од нив исто така во рани 30-ти години.

Триесет и четиригодишната Сана Марин оваа недела ќе ја преземе премиерската функција, заменувајќи го Анти Рине, кој поднесе оставка по големите штрајкови во земјата. Марин, трета премиерка во историјата на Финска, моментално е министерка за транспорт.

Петте партии што ја сочинуваат владејачката коалиција во Финска се предводени од жени

Покрај Марин, која доаѓа од редовите на Социјалдемократската партија, и останатите четири коалициони партнери имаат лидерка: Ли Андерсон (32 години), Катри Кулмуни (32), Марија Охисало (34) и Ана-Маја Хенриксон, која со своите 55 години отскокнува со возраста.

И новата влада планира значително да го зголеми јавното трошење на добросостојба и инфраструктура и да продолжи по патот што земјата ќе ја направи јаглеродно неутрална до 2035 година.

Марин имаше брз подем во финската политика откако на 27 години стана претседателка на градскиот совет на Тампере. Сега ќе стане и најмлад премиер на светот, надминувајќи ги Олексиј Гончарук (Украина, 35 години) и Џесинда Ардерн (Нов Зеланд, 39).

Жените имаат важна улога во политиката во скандинавските држави со децении и тие се на чело на половина од партиите во Шведска. Данска, каде што четири партии се предводени од жени, и Норвешка исто така имаат премиерка. Вигдис Финбогадотир стана прва жена шеф на држава во светот кога во 1980 година беше избрана за претседател на Исланд.