ПРЕМИЕРА НА КОМЕДИЈАТА „КЕЦ НА ДЕСЕТКА“ СО МИКИЌ И КОЧОВСКА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Претставата Кец на десетка“,  по текст од Митко Бојаџиски во колективна режија, премиерно ќе се изведе вечерва во 19 часот на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ).

Играат Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан и Ивица Димитријевиќ.

„Кога едно сосема нормално семејство ќе се собере за да се запознае со идниот зет, се очекува секој да даде сѐ од себе, да ги смири своите човечки слабости“. – Тања Кочовска, Александар Микиќ, Нина Деан и Ивица Димитриевиќ (Фото: Д. Гајиќ )

Кец на десетка“ првин почнал да ја режира Драган Спасов-Дац, но откако беше поставен за в.д. директор на МНТ, проектот го продолжил актерот Јордан Симонов. Постепено, сите актери од екипата се вклучиле во режисерската работа и на крајот, одлучиле режијата да биде колективна.

Во најавата за претставата стои:

„Кога едно сосема нормално семејство ќе се собере за да се запознае со идниот зет, се очекува секој да даде сѐ од себе, да ги смири своите човечки слабости, ако ги има, нели, да ги потисне внатрешните проблеми, не толку сјајните карактерни особини и фактот дека, можеби, сте пред развод. Се очекува да оставите максимален впечаток на другата страна, до степен да се прашува со што ја заслужил таа неверојатна среќа да ве сретне токму вас како прибежиште, како иднина, како судбина“.

Праизведбата на текстот на Бојаџиски беше во 2013 година во струмичкиот театар „Антон Панов“, како „Не чукај блиску до срцето“, во режија на Синиша Евтимов.

Сценографијата е на Татјана Блажевска-Христоска, костимите се на Ивана Каранфиловска-Уруговска, а музиката е на Александар Митевски.

Репризата е в сабота.