ЊУЈОРК ГИ ИЗМЕНИ ГРАДЕЖНИТЕ ПРАВИЛА ЗА ДА СЕ НАМАЛИ СМРТНОСТА НА ПТИЦИТЕ

Њујорк, (Дезин)

Градските власти на Њујорк усвоија закон со кој се изменуваат градежните правила со цел новите стаклени згради да се направат побезбедни за птици преселници.

Според него, површината на новите стаклени градби повисоки од 23 метри, што е рамно на седум спратови, ќе мора да биде обликувана така да биде повидлива за птиците. Законот, што ќе стапи на сила во декември следната година, треба да ја намали бројката на птици кои во лет се удираат во згради. При изградбата ќе мора да се користи посебно стакло кое содржи керамички линии или точкести ознаки на површината, со што ќе се намали проѕирноста на стаклените ѕидови и тие ќе бидат повидливи за птиците.

Законот беше побаран и донесен откако струката изрази голема загриженост за безбедноста на птиците кои мигрираат преку САД. Американското здружение за заштита на птици процени дека секоја година 600 милиони птици умираат во Северна Америка при судир со стаклени згради, од кои 90.000 во Њујорк. Овој проблем е посочен како една од главните причини за намалувањето на популацијата на птици во Северна Америка за 29%.