Графичкиот дизајнер, визуелен уметник и професор Ладислав Цветковски и Кинотеката на Македонија вечерва во 20 часот ја одбележуваат својата 28-годишна соработка со изложба на негови графички дизајни.
Соработката почнала во 1991 година, во третиот број на списанието за историја, теорија и култура на филмот „Кинопис“ и се одржала сѐ до најновото, 56. издание.
Цветковски изработил и дизајнерски решенија за повеќе од 150 печатени изданија на Кинотеката, како плакати, филмски програми, брошури, каталози, други периодични изданија, книги и ДВД-ја, а соработката се прошири и на изработката на печатени материјали за ИФФК „Браќа Манаки“, во времето кога Кинотеката беше организатор, како и на комплетното брендирање и осмислување на визуелниот идентитет на 70. Конгрес на ФИАФ (Меѓународна федерација на филмски архиви), што се одржа во Скопје во 2014 во организација на Кинотеката.
„Световите што Лади ни ги понуди во неговите дизајнерски решенија за мене претставуваат музика и поезија на визуелните глетки. И она што е многу важно: Лади ги чита текстовите што треба графички и ликовно да ги оформи“, напиша филмскиот критичар и теоретичар Илинденка Петрушевска во каталогот.