Повеќе од 4.400 компании, од кои 1.200 стартапи, ги изложија своите производи на саемот на технологија ЦЕС во Лас Вегас. Оваа година можат да се видат повеќе концепти и прототипови од кога било.
ЛЕТЕЧКО ТАКСИ НА „ХЈУНДАИ“
Концептот „С-А1“ е електрично летало со четири ротори кои овозможуваат вертикално полетување и слетување. Во воздух ќе може да развие брзина од 290 километри на час, а содржи и падобран за итни случаи.
Од „Хјундаи“ велат дека ќе може да превезува четири патници на дистанци до 100 километри и ќе може да достигне висина од 600 метри. Иако во прв момент е предвидено со него да управува пилот, „Хјундаи“ планира „Ц-А1“ да лета автономно. Сериското производство треба да почне кон крајот на годината.
СУПЕРРАЗЛАДУВАЧ „МАТРИКС ЏУНО“
Со функција спротивна на микробранова печка, овој 300 фунти вреден кујнски производ е способен да олади лименка пиво до четири Целзиусови степени за само две минути, а шише вино до оптимални девет степени за пет минути.
СЕГВЕЈ С-ПОД
Во времето кога пешачењето е преценето, компанијата „Сегвеј“ разви ново транспортно средство: столица во облик на јајце закачена за две тркала. Таа може да развие брзина до 40 километри на час и првенствено е наменета за аеродроми, трговски центри и забавни паркови.
ВИСОКОТЕХНОЛОШЈКИ ЧЕТКИ ЗА ЗАБИ
Новата четка на „Колгејт“ има вграден сензор кој дава податоци колку се чисти забите и непцата, но ако две минути ви се многу за миење заби, „Y-Brush“ на француската компанија „FasTeesH“ ветува дека ќе ја заврши работата за десет секунди. Таа вибрира и ги четка сите заби одеднаш. Ќе чини 109 фунти.
АПАРАТ ЗА ГОТВЕЊЕ „ЏУЛИЈА“
Новиот производ на „CookingPal“ се состои од готвачки апарат и таблет кои го прават целото готвење за вас. Тој сецка, меша, бленда, меси, мери тежина, меле, ренда и ги прави сите фази на готвењето. Сѐ што треба да правите е да ги следите инструкциите на таблетот.
РОБОТСКИ МИЛЕНИЦИ
ЦЕС секако не би бил комплетен без роботи, а оваа година ги има секакви. Шоуто го украде „Ловот“ на јапонската фирма „Groove-X“, дизајниран така за веднаш да се вљубите во него. Замислен како домашно милениче, тој трча низ домот и зборува. Опремен е со камери и сензори, а неговата крзнена кожа е топла и чувствителна на допир, па знае кога го галите.
КОМПЈУТЕРИ НА ПРЕКЛОПУВАЊЕ
Лани сите зборуваа за телефони со екран на преклопување, а во 2020 дојдоа и такви компјутерски екрани. Со таков производ се претставија „Интел“, „Дел“ и „Леново“, чиј „ThinkPad X1 Fold“ прв ќе излезе на пазарот, во средината на 2020. Ќе чини 2.499 долари.