НЕДА АРНЕРИЌ НИКОГАШ НЕ ЈА ПРЕБОЛЕЛА СМРТТА НА ТРЕТИОТ СОПРУГ

Белград, (Блиц)

Неда Арнериќ, една од најпопуларните југословенски актерки, почина вчера во Белград на 67 години, неполна година по смртта на нејзиниот сопруг, што никогаш не го преболела.

Арнериќ, која ја почна актерската кариера како 13-годишна, станувајќи прва детска филмска ѕвезда во Југославија, и хирургот Милорад Мештеровиќ (63) беа во брак 35 години, сѐ до неговата смрт по тешко боледување во јануари минатата година.

Иако претходно двапати била во брак, прво со режисерот Дејан Караклаиќ, па со легендарниот актер Раде Марковиќ, најголемата среќа во животот ја пронашла покрај Мештеровиќ.

„Тој ми е мене сѐ, син, брат, сопруг, пријател, љубовник. Толку сум среќна колку поминавме заедно. Дури со Милорад ја пронајдов вистинската љубов. Како светски човек, знаев дека тој секогаш ќе ме води низ животот“, изјави своевремено Арнериќ.

Арнериќ во американскиот филм „Шафт во Африка“ од 1973 година

Таа оствари над 100 филмски и 40 театарски улоги и нејзиниот брак со 32 години постариот колега Раде Марковиќ беше скандалозен за југословенски прилики.

„Тоа беше забранета љубов. Со него поминав три прекрасни години и иако имаше голема разлика во години, совршено се вклопувавме. Не сфаќав зошто сите се згрозуваат поради нас. Тој имаше голема улога во мојот живот“, кажа Арнериќ.

Со Мештеровиќ се запознала во ноември 1981 по една своја претстава. Се венчаа веќе наредната година, задржувајќи складен однос до крај. Никогаш не добија деца, за што таа кажа дека едноставно не им се посреќило.

„Кога почина, остана само тага“, призна Арнериќ, која по смртта на Мештеровиќ се борела и со депресија.