Мила Јовович и нејзиниот сопруг, британскиот режисер Пол Андерсон, го добија третото дете, и тоа повторно девојче. Радосната вест на Инстаграм ја објави нивната највозрасна ќерка, 12-годишната Евер Габо, која откри дека новиот член на семејството ќе се вика Ошан.
„Таа е нашето чудесно бебе и многу сме благодарни што ја имаме“, напиша 44-годишната Јовович на Инстаграм.
Американската актерка и модел со српско-руско потекло во август потврди дека е повторно трудна, две години откако беше принудена да абортира во петтиот месец од бременоста.
„Откако дознав дека повторно сум трудна имав измешани чувства, од целосна радост до голем ужас. Поради мојата возраст и претходната тешка бременост, не сакав веднаш да се врзам за ова бебе“, призна Јовович минатото лето.
Таа и Андерсон се во брак од 2009 година и заедно ја имаат и четиригодишната ќерка Дашиел Едан.