На 9 февруари, во пресрет на Оскарите, се организира отворена треил трчанка низ Овчеполскиот Регион, пределот каде е сниман македонскиот документарец „Медена земја“. Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов има две номинации за Оскар, чие 92. издание ќе се одржи на 10 февруари во Холивуд, а преносот почнува околу два часот после полноќ.

Организаторите од „Трекс“ велат дека не станува збор за трка, туку за трчање низ пределот каде е сниман филмот, со цел граѓаните подобро да се запознаат со тој регион. Планот е да се истрчаат околу 30 километри на релација Дурфулија-Кишино-Бекирлија-Дурфулија. Стартот е во 9 часот од сретсело во Дурфулија.

„Патеката би имала околу 1.000 метри висинско искачување по ридест терен, но може да се очекуваат и авантуристички секции“, велат организаторите.

Според нив, настанот е отворен за секој кој се чувствува спремен да истрча некоја слична дистанца. На терен ќе се формираат една или две групи, во зависност од компактноста и темпото на движење.

„Задолжителна опрема се ранче, јакна, ракавици, капче, вода, нешто ситно за јадење, лажичка за мед и добро расположение. Ќе следиме прогноза и дополнително ќе утврдиме ако е потребно нешто повеќе“, велат од тимот за организација.