„ПАРАЗИТ“ НЕ ГО ПОБЕДИ САМО „МЕДЕНА ЗЕМЈА“, ТУКУ И ЦЕЛИОТ ХОЛИВУД

Лос Анџелес, (АП)

„Паразит“ не го победи само „Медена земја’, го победи целиот филмски свет.

Холивуд на големо ги прошири своите хоризонти откако оваа јужнокорејска класна сатира ноќеска ја прогласи за најдобар филм, станувајќи прв филм од неанглиско говорно подрачје на кој му успеало тоа во 92-годишната историја на Оскарите.

Режисерот Бонг Џун-Хо четири пати излегуваше на сцената. До крајот на вечерта, „Паразит“ се закити со оскар за најдобар странски филм, најдобар режисер, најдобро оригинално сценарио и за најдобар филм.

„Подготвен сум да се опијам вечерва“, изјави Бонг по една од наградите, а откако неговото име неочекувано повторно беше соопштено, тој најави дека ќе прославува и малку подолго:

„Сега сум подготвен да пијам до утре“.

На пресреќната екипа на „Паразит“ не ѝ се одеше од сцената (Фото: АП)

Од победата на Канскиот фестивал, „Паразит“ си го трасираше патот кон Оскарите преку триумфите на Златни глобуси и БАФТА.

„Истовремено забавен и тажен, ‘Паразит‘ испраќа социјални пораки на еден нов, неверојатен и успешен начин. Му благодарам на Бонг што ни донесе гордост и радост во земјата“, напиша на Твитер претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-Ин.

Многубројната екипа на „Паразит“ остана на сцената на театарот „Долби“ и откако тој веќе се испразни.

„Ова е навистина лудо. Имам чувство дека некој ќе ме удри и јас ќе се разбудам од овој сон“, им кажа Бонг на новинарите.