Храбрата европска вселенска мисија Солар орбитер полета вчера од Кејп Канаверал кон Сонцето во обид да го истражи од најблиску што може.
Леталото вредно 1,5 милијарди евра е опремено со камери и сензори што ќе треба да дадат досега невиден увид во работата на Сонцето, што ќе им помогне на научниците подобро да го разберат неговото динамично однесување.
Ова е прва мисија која ќе обезбеди снимки од јужниот и северниот пол на Сонцето, што ќе овозможи подобар увид во неговото моќно магнетно поле и како тоа влијае врз Земјата.
Солар орбитер, кој се градеше и тестираше осум години, на моменти ќе биде на 42 милиони километри од површината на Сонцето и за да го издржи тоа, ќе биде заштитен со огромен титаниумски штит. На леталото ќе му требаат две години да стигне до високо елиптичната орбита околу Сонцето.
„Моравме да развиеме многу нови технологии за да се обезбедиме дека леталото ќе издржи температури до 600 Целзиусови степени. Една од облогите е направена од печени животински коски“, изјави професорот Тим Хорбери од Империјалниот колеџ во Лондон.