БЕРЛИНСКИТЕ НОЌНИ КЛУБОВИ СЕ БОРАТ ДА ДОБИЈАТ ИСТ КУЛТУРЕН СТАТУС КАКО ОПЕРИ И ТЕАТРИ

Берлин, (Гардијан)

Прочуените берлински ноќни клубови би можеле да добијат ист културен статус како оперски и театарски куќи, со цел да се заштитат од гентрификација, процес на урбанистичка трансформација.

Група која сака да го заштити ноќниот живот на градот ја однесе својата кампања до парламентот, во услови кога сѐ поголем број клубови се затвораат, отстапувајќи место за нови згради, но и поради поплаките на локалните жители на преголема бучава.

Околу 100 клубови се затворија во последните десет години, а уште 25 се под закана. Проблемот стана толку сериозен што доби и име: clubsterben или клупска смрт.

„Музичките клубови беа пулсот на градот и играа голема улога во неговиот културен живот, носејќи ѝ милиони евра на локалната економија“, кажаа претставници на групата „Клабкомишн“ пред Комитетот за урбанизам и урбано живеење во Бундестагот.

Се проценува дека три милиони туристи годишно доаѓаат во Берлин само заради неговите клубови. Голем дел од овие журки се организираат во стари и напуштени фабрики, складишта, базени и подземни скривници.

„Со сегашната класификација, ноќните клубови се опишани како места за забава, со што се изедначени со бордели и коцкарници, токму она што луѓето не го сакаат во своето маало. Ние би сакале да имаме исти права како концертни сали или оперски куќи“, вели Аксел Балрајх, претседател на групата „Ливеком“, која обединува 580 германски ноќни клубови.

Иницијативата доби поддршка и од некои партии, како Зелени и Ди Линке, кои се залагаат за закон кој ноќните клубови би ги признал за културни места.