Фосили на желка со големина на автомобил се пронајдени во северниот дел на Јужна Америка.

Се верува дека овие џиновски желки (Stupendemys geographicus) живееле во оваа област во периодот пред 13 и седум милиони години. Фосилите се пронајдени во пустината Татакоа во Колумбија и во регионот Урамако во Венецуела.

Истражувачите пронашле три метри долг оклоп (Фото: ПА)

Првите фосили се ископани уште во 1970-ите, но останаа многу мистерии поврзани со ова животно долго околу четири метри.

Таа имала големина и тежина на просечен автомобил и живеела во огромни мочуришни предели низ северниот дел на Јужна Америка, кои таму постоеле пред да се формираат реките Амазон и Ориноко.

Истражувачите, меѓу другото, пронашле три метри долг оклоп и веруваат дека овие желки живееле на дното на реки и езера покрај џиновски крокодили, при што се хранеле со мали животни, вегетација, овошје и семиња.