Унгарија не е само Франц Лист, Ласло Биро, За За Габор, туку исто така денес станува препознатлива и по дизајнот, порачува изложбата „Обликување на Унгарија – дизајнот во 21. век“, со која вечерва во Јавна соба се отвори 7.Недела на дизајн во Скопје.
Поставката со дела од 25 млади индустриски дизајнери, иноватори и инженери носи нови форми и модели на средства и гаџети кои ги користиме во секојдневниот живот, на елементи од домаќинството, како и архитектонски решенија и форми со голема доза на анимација.
„Унгарија има талент и сериозно ги користи талентот, креативноста и имагинацијата на сегашните и идните генерации за да го направи светот поубаво место за живеење, вели организаторот на изложбата, Унгарскиот совет за дизајн.
На првиот спрат во Јавна соба, покрај унгарската, поставена е и изложбата „Експо зона“, на која се претставени 15 дизајнери од Македонија и од регионот.
Неделата на дизајн ќе трае до понеделник, до кога ќе има работилници за деца и возрасни, предавања, музика и дегустација на храна.
Б. НЕСТОРОСКА