ТРКАТА ДЕЈТОНА 500 ЗАВРШИ СО СТРАОТНА НЕСРЕЌА И НАЈТЕСНА ПОБЕДА ВО ИСТОРИЈАТА

Мајами, (Би-Би-Си)

Американскиот возач Рајан Њумен се наоѓа во сериозна состојба, но животот не му е загрозен по страотната несреќа во последниот круг од Дејтона 500, најголемата трка од НАСКАР серијата.

Четириесет и двегодишниот Њумен беше во водство кога неговиот болид беше допрен одзади, по што се изврте и удри во ѕид, а потоа и од уште едно возило, за на крај да се запали.

Трката во Флорида во неделата беше отворена од американскиот претседател Доналд Трамп, за потоа да биде одложена за вчера поради силен дожд.

„Се молам за Рајан Њумен, голем и храбар НАСКАР возач“, напиша Трамп на Твитер.

Њумен, кој победи на трката во 2008 година, беше превезен во болница и дури два часа подоцна излезе соопштение за неговата состојба.

„Тој е во сериозна состојба, но лекарите навестија дека повредите не се животно загрозувачки“, објави НАСКАР.

Дејтона 500 се вози 500 милји (200 кругови) и Дени Хемлин го победи Рајан Блејни, кој ја предизвика несреќата, за само 0,014 секунди, што е најмала разлика во историјата.