„Дизни“ објави дека во април ќе лансира официјална колекција невестински фустани инспирирани од принцези од филмски бајки, како Ариел, Рапунзел (Златокоса), Бел, Пепелашка, Тијана, Аурора (Трнорушка), Покахонтас, Јасмин и Снежана.

„Алур брајдлс“ се спои со „Дизни“ за Невестинската колекција со 16 стилови на венчаници, чии цени ќе се движат од 1.200 до 10.000 долари.

Венчаница инспирирана од Тијана од „Принцезата и жабата“ (Фото: Дизни)

Фустаните првпат ќе бидат претставени на Модната недела за венчаници во Њујорк во април и веднаш потоа ќе бидат достапни во продавниците во САД и Торонто. Фустаните ќе ги има во најразлични величини, во форми како балски креации или силуети на сирена и ќе бидат изработени од микадо свила, светкав тил, шифон, чипка, бисери и слично.

Венчаница налик на фустанот на Бел од „Убавицата и ѕверот“ (Фото: Дизни)

„Толку многу невести пораснаа восхитувајќи им се на принцезите на ‘Дизни’. Нашиот тим дизајнери работеше неуморно на секој од овие прекрасни фустани, бидеќи секој има специфични детали кои се инспирирани од безвременските ликови“, вели директорката на „Алур брајдлс“, Кели Крам.