ВО РИМ ОТКРИЕНО ДРЕВНО СВЕТИЛИШТЕ ПОСВЕТЕНО НА КУЛТОТ НА РОМУЛ

Рим, (Гардијан)

Археолозите кои го истражуваат Римскиот форум открија древно светилиште за кое се верува дека му е посветено на култот на Ромул, митскиот основач и прв крал на Рим. Тоа е откриено во комора под Римскиот форум, политичкиот центар на Римското Царство и содржи 2.600 години стар саркофаг и кружна камена структура за која се верува дека била олтар.

Според римската митологија, Ромул го основал градот откако го убил својот брат близнак Рем. Некои историчари го оспоруваат постоењето на Ромул.

Во светилиштето се пронајдени саркофаг и олтар (Фото: АП)

Алфонзина Русо, директорката на археолошкиот парк Колосеум, вели дека гробницата не е последното почивалиште на Ромул. Во неа не се пронајдени коски.

„Тоа не е гробот на Ромул, туку место на сеќавање, каде што култот на Ромул правел прослави. Според едни, Ромул бил убиен и исечен на парчиња, додека други велат дека тој бил однесен во рајот од богот Киринус“, вели Русо, додавајќи дека има нешто вистина во легендата за него.

Ромул и Рем биле синови на Реа Силвија и како бебиња биле фрлени во реката Тибер, пред да бидат спасени и одгледани од волчица.

Новооткриеното светилиште ќе биде отворено за јавност за две години.