ХИМАЛАЈСКИОТ ВОЛК КОЈ СЕ АДАПТИРАЛ НА ЖИВОТ СО НИСКО НИВО НА КИСЛОРОД ЌЕ СТАНЕ ПОСЕБЕН ВИД

Цирих, (Гардијан)

Волците кои живеат на Хималаи ќе бидат прогласени за посебен вид поради нивната способност да преживеат на големи надморски височини.

Волците кои живеат во Непал и на Тибетската Висорамнина генетски се приспособиле на ниско ниво на кислород, што не е откриено кај ниеден друг вид, се вели во нова студија. Тоа ќе овозможи хималајскиот волк да биде признат како нов подвид и да добие свое научно име, што, пак, ќе му обезбеди статус на заштита.

Младо на хималајски волк (Фото: Г. Веран)

Д-р Гералдин Веран, која го водеше истражувањето, е прва личност која успеала да сними природно живеалиште на хималајски волк, за кој вели дека се движи до надморска височина од над 5.600 метри. Тој преживува на половина од количеството кислород што им е потребно на цицачи на морско ниво.

„За човек е исцрпувачки да биде таму и тоа кај волците предизвикало многу силен еволуциски притисок“, вели Веран.

Иако тој се меша со сивиот волк на пониските надморски височини, хималајскиот волк останува уникатен вид на високите места, бидејќи за да опстане таму, треба голема сила.