СВЕТОТ СЕ ИЗМОРИ ОД ЛАЖНИ ХЕРОИ – ОВАЦИИ ЗА АТИЏЕ НА ЗЛАТНА БУБАМАРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хероината на документарецот „Медена земја“, пчеларката Атиџе Муратова, ја дигна публиката на нозе на синоќешната 23. Златна бубамара на популарноста во полната „А1 арена Борис Трајковски“ во Скопје.

Фејми Даут, Тамара Котевска и Атиџе Муратова

Атиџе прими Златна бубамара за најголем интернационален успех заедно со дел од екипата на филмот, режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут, а на сцената се качија и членови на семејството Сам.

„Не добивме Оскар во Америка, но добивме македонски Оскар“, рече Даут, а Котевска продолжи:

„Светот се измори од лажни херои“.

Екипата на танцовата инклузивна претстава „Пепелашка“

Шоуто годинава се одржа под мотото „Нема правда, има Бубамара“ и се доделија награди во 27 категории, меѓу кои: најдобра инклузивна танцова претстава за „Пепелашка“ на танцовото студио „Еурека“, најпопуларна детска ТВ-емисија е „Дајте музика“, за песна за век и векови е прогласена „На Велигден“ од Џина Папас Џокси, Тамара Тодевска и Влатко Лозаноски се најдобри пејачи, „Електрични оргазам“ доби награда за трајни музички вредности, а Ангеле Димовски, Столе Попов и „Синтезис“ за животно дело, најдобра театарска претстава е „Мој термин“ (МНТ), Тања Кочовска и Јордан Симонов се актери на годината, најдобар концерт имаа Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, амбасадори на македонската култура се „Танец“ и ракометниот клуб Вардар…

Фото: Златна бубамара на популарноста

Ристо Вртев доби награда за трајни музички вредности во рок музиката
Екипата на „Дајте музика“
Режисерот на „Мој термин“ Синиша Евтимов
„Танец“
Сашко Коцев и годинава беше водител на „Бубамара“
„Синтезис“