ПРВИОТ ДРВЕН ЕЛЕКТРИЧЕН МОТОЦИКЛ ОДИ ВО ПРОИЗВОДСТВО, ЌЕ ЧИНИ 60.000 ЕВРА

Париз, (Мотор1)

Кога „Њурон моторс“ првпат го претстави својот електричен мотоцикл, многумина беа скептични дека овој концепт со дрвена шасија навистина ќе заживее. Но, француската старт ап компанија вели дека веќе почнала да прима нарачки за „ЕВ-1“, иако неговата цена ќе биде 60.000 евра.

„Њурон“ најави дека „ЕВ-1“ ќе биде произведен во само 12 примероци, а првите испораки се очекуваат следната година.

Од компанијата велат дека „ЕВ-1“ ќе може максимално да развие 220 километри на час и дека со едно полнење ќе може да помине околу 300 километри. До 100 км/час ќе стигнува за само три секунди.

Во необичниот дизајн се вклопува и батеријата во форма на буре, околу која е изграден целиот мотоцикл, дополнето со ЛЕД-осветлувањето. Посебна атрактивност на мотоциклот му даваат заоблените дрвени панели, кои оставаат впечаток на скелет.